04.07.2023 Скопје
Немирите во Франција се смируваат по петдневните насилни демонстрации како одговор на пукањето и убиството на тинејџерот Нахел М. за време на полициски контролен пункт.
Во неделата вечерта имаше затишје во насилството и помалку апсења, но претседателот Емануел Макрон побара од Министерството за внатрешни работи да одржи „масовно“ полициско присуство на улиците.
Во текот на вчерашниот ден градоначалниците повикаа на собири пред градските собранија на протести против насилството и грабежите.
Во Нантер, родниот град на Нахел, градоначалникот рече дека е задоволен што насилството стивнало, но додаде дека не смее „да се изгуби од вид инцидентот што ја предизвика оваа ситуација и тековната потреба за правда“.
Подоцна попладнето, неколку стотици луѓе присуствуваа на митинг во Лај-ле-Роуз за поддршка на Винсент Жанбрену, градоначалникот чиј дом беше нападнат од демонстранти кои испукаа ракети врз неговата сопруга и децата кои бегаа, кршејќи и ја ногата и ранувајќи едно дете. Инцидентот се третира како обид за убиство.
Видно емотивниот Жанбрену рече: „Ги видовме вистинските лица на демонстрантите, тие се убијци. Сакаа да ја убијат мојата сопруга и моите две мали деца во сон со тоа што живи ги запалија“, мислејќи на запалениот автомобил кој се заби неговата куќа.
Жанбрену, исто така, рече дека во текот на изминатата недела „самата демократија беше нападната“. „Ни треба мнозинството луѓе кои до сега молчеа да кажат: доста! рече тој со одобрение од присутните. Иако ноќта во неделата беше многу помирна, денеска властите внимаваат да не поздрават предвремено враќање во нормала.
Автобусите и трамваите во парискиот регион повторно ќе бидат сопрени оваа вечер, бидејќи претседателот Макрон побара од Министерството за внатрешни работи да одржи „масовно“ полициско присуство низ Франција за да гарантира „враќање на смиреноста“.
Околу 45.000 полицајци се распоредени низ целата земја во изминатите три ноќи и денеска ќе бидат на улиците, потврди министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.
Повеќе од 150 луѓе беа уапсени во неделата навечер, наспроти повеќе од 700 претходната ноќ. Запалени се 297 автомобили наспроти 1.900 во четвртокот, додека 34 згради биле оштетени или запалени во споредба со повеќе од 500 во четвртокот.
Во текот на викендот семејството на Нахел, тинејџерот кој беше убиен од полицијата, повика да се прекине насилството. Неговата баба ги обвини демонстрантите дека ја користат смртта на Нахел како изговор и ги повика да престанат да го уништуваат јавниот имот.
Денес претседателот Макрон ќе се сретне со градоначалниците на 220 општински области кои беа погодени од насилството.
Подготвено од А.Ѓ.