zelenski i bajden

13.07.2023 Скопје

Лидерите на земјите-членки на НАТО, на вториот ден од самитот во Вилнус, се согласија дека Украина може да се приклучи на НАТО, но само кога ќе замолчат пушките – кога ќе ги исполни условите и кога ќе се согласат сите членки.

За претседателот на Украина Володимир, Зеленски, кој дојде во Литванија за безбедносни гаранции, ова не е идеален одговор, но тој вели дека ја разбира претпазливоста на членката.

Утврдени се и промените што го очекуваат НАТО по Самитот.

Пресвртна точка – вака се карактеризираат промените што го очекуваат НАТО по Самитот во Вилнус. Генералниот секретар Јенс Столтенберг го истакна најсеопфатниот одбранбен план во последните децении од Студената војна, 300.000 војници треба да бидат подготвени брзо да одговорат на безбедносниот предизвик во Европа.

Столтенберг очекува ново поглавје во односите НАТО-Украина од Самитот во Вилнус.

„Мораме да се погрижиме кога војната ќе заврши, да се воспостават веродостојни аранжмани за безбедноста на Украина за да не се повтори историјата. Го поздравувам ветувањето на многу земји-членки да обезбедат долгорочна безбедносна помош за Украина. Ова ќе помогне да се спречи каква било идна агресија на Русија“, рече Столтенберг.

Во Советот НАТО-Украина со Шведска сите се еднакви, вели Столтенберг. Советот треба да ги зајакне политичките врски меѓу Алијансата и Киев. Украина може да се приклучи на НАТО, но само кога ќе замолчат пушките – кога ќе ги исполни условите и кога ќе се согласат сите членки.

„Украина се бори и целосно разбира дека не може да стане членка на НАТО додека војната продолжува на наша територија. Ова е апсолутно јасно, но видов важни сигнали испратени од билатералните состаноци кои укажуваат дека Украина ќе стане членка на НАТО, кога ќе се исполнат условите, кога ќе е безбедно на наша територија“, вели Зеленски.

„Влезот на Украина во НАТО би бил прерано“, изјави американскиот претседател пред Самитот. На Самитот, во друштво на лидерите на Г7 и по разговорот со Зеленски, тој објасни како сите сојузници ќе продолжат да му помагаат на Киев. Седумте најразвиени земји усвоија и заедничка декларација за помош на Украина.

„Денеска, членките на Г7 претставија заедничка декларација за поддршка на Украина и јасно ставија до знаење дека нашата поддршка ќе трае долго во иднина. Ќе и помогнеме на Украина да изгради силна и способна одбрана на копно, во воздух и на море, сила за стабилност во регионот и ќе ја одврати секоја закана“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Олаф Шолц, канцелар на Германија, наведува дека сега е важно да се поддржи Украина.

„Сега е важно да се поддржи Украина на многу конкретен начин. Постигнавме низа договори за обука на украинските војници. Тоа е многу голем број, ние го гарантираме тоа и ќе продолжиме да ги обучуваме“, вели Шолц.

Со претходниот прием на Финска, а потоа и со подигањето на рампата за Шведска од страна на Турција, НАТО го заокружи своето присуство на североисточното крило. Ердоган сега очекува ЕУ да ги одмрзне преговорите заглавени по обидот за државен удар во Турција во 2016 година.

„Ние ќе продолжиме да го ратификуваме членството на Шведска во НАТО со испраќање нацрт-договор од седум точки до нашиот национален парламент, кој моментално е во пауза. Откако ќе се врати и работи, процесот ќе биде брзо завршен. И претседателот Бајден и државниот секретар Блинкен ми кажаа дека ќе работат на испорака на авиони Ф-16 во Турција. Ако двете страни – и руската и украинската – ја прифатат нашата понуда да бидат посредници во преговорите, со задоволство ќе ја прифатиме“, рече Реџеп Таип Ердоган.

Кога Шведска ќе стане 32-та членка на НАТО по два века воена неутралност, тоа се толкува во Вилнус, Русија нема да има неконтролиран пристап до Атлантикот. Сите пет нордиски земји ќе бидат дел од алијансата, а американскиот претседател денес во Хелсинки ќе разговара со лидерите на Финска, Шведска, Норвешка, Исланд и Данска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author