plazha na krim12

04.07.2023 Скопје

За оние кои сонуваат за морето: Crimean Holidays ве покануваат да го поминете летниот одмор на плажите на Азовското Море. Широките плажи, чистото море и развиената туристичка инфраструктура нема да ве остават рамнодушни. Најбелите плажи на Крим!

Така, руските туристички агенции ги мамат туристите да летуваат на Крим, полуостров кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Иако од почетокот на војната во Украина, кримските пруги и магацините за гориво биле повеќепати цел на напади, локалните власти тврдат дека нема причина за загриженост и страв.

Маја Ломиџе, извршен директор на Руската асоцијација на тур-оператори, тврди дека Крим оваа година ќе биде меѓу првите пет руски дестинации за одмор.

„Крим е единствениот руски регион кој во споредба со минатата година не ги зголеми цените, туку ги намалува“, изјави Ломиџе, признавајќи дека туристичкиот проток во 2023 година ќе биде за околу 30 отсто помал од минатата година.

Елена (55), наставничка од Москва, изјавила дека нејзиното семејство летово планира да го посети Крим, како и секоја година.

„Што се однесува до евентуалните проблеми со храна, вода и струја, воопшто не сум загрижена. Дојдов овде кога имаше други, уште полоши времиња. Се разбира, оваа година општата состојба е вознемирувачка, но верувам во разумноста, хуманоста и Господ“, рече таа.

Аљона (52) канцелариска менаџерка во компанија која се занимава со продажба и изнајмување на недвижен имот, оваа година со семејството планира да замине на Крим на две недели.

Како што вели, одморот на полуостровот ја исполнил со позитивна енергија до крајот на годината.

„Не сум загрижена за безбедносните прашања. Убедена сум дека Крим е добро заштитен и дека ништо лошо не може да се случи таму. Разбирам дека е во тек специјална воена операција и дека беспилотните летала напаѓаат различни градови, дури и Москва, но не мислам дека дека на Крим може да се случи нешто лошо. Сигурна сум дека се ќе биде добро!“, самоуверено изјави Аљона.

Сепак, многу Руси решија да ги откажат своите резервации за сместување на Крим по неодамнешните напади со беспилотни летала.

Веднаш по почетокот на сеопфатната операција во Украина, властите на Руската Федерација ги суспендираа сите летови за Крим, што значи дека оттогаш патниците од Русија можат да доаѓаат на полуостровот само со автомобил или воз. Патеките кон Крим беа дополнително комплицирани на 22 јуни кога Украина истрела проектили на мостот Чонгар.

Познат како „Портата на Крим“, Чонгар е еден од ретките мостови што го поврзуваат Крим со копното. Руските железници го зголемија бројот на возови за Крим пред летната сезона, но просечното патување до Крим сè уште трае два до три дена. Освен долгото патување, туристите се загрижени и за зголеменото присуство на војската на полуостровот. Од крајот на 2022 година, руската војска ископа десетици километри ровови долж брегот на Крим и изгради противтенковски бариери поради страв од потенцијална украинска контраофанзива. Поради ова, затворени се и многу плажи на Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не се откажува од своите планови за повторно заземање на Крим и истакнува дека војната не е завршена сè додека Крим е под руска контрола.

Крим се наоѓа помеѓу Црното Море и Азовското Море и игра важна улога во снабдувањето на руските сили во јужна Украина.

Бројките покажуваат дека станоиздавачите и рестораните од Крим оваа година нема да можат да ги тријат рацете.

Некои хотели со ол инклузив ги намалија цените и до 60 отсто, но и покрај големите попусти, исполнетоста е околу 40 до 50 отсто.

„Обично сме целосно резервирани од јуни до септември. Годинава се резервирани едвај десет проценти од собите. Ниту на плажите нема никој“, изјави сопственичка на сместување на Крим.

Податоците неодамна објавени од Руската асоцијација на тур-оператори откриваат колапс на туризмот на Крим. Летово, само еден процент од руските хотелски резервации беа направени на Крим, што е пад од три проценти минатата година и 19 проценти во 2021 година.

Исто така, 60 отсто од туристичките агенции на Крим минатата година изгубиле пари, со вкупни загуби од десет милиони долари, а приходите од туризмот паднале за околу една третина.

„Нашите гости читаат и гледаат вести, така што нашиот оддел за резервации и поддршка добива многу телефонски повици и прашуваат дали ситуацијата овде е безбедна. Многу посетители, загрижени поради неодамнешните напади, сега ги откажуваат своите резервации во последен момент“, призна Ана, раководител на маркетинг кој соработува со хотели и туристички агенции на Крим.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author