04.07.2023 Скопје
Ако сакаме да имаме по 400.000 нови граѓани секоја година и со тоа да го одржиме бројот на работници, а ако го одземеме огромниот број на оние што се иселуваат одовде, на Германија и се потребни 1,5 милиони имигранти годишно, вели економскиот експерт Моника Шницер.
Само зголемената имиграција може да биде лек за проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, истакна таа.
На Германија итно и треба култура на добредојде, додаде Шницер, која го предводи Советот на економски експерти, кој го анализира економскиот развој на Германија и ја советува федералната влада. Тие водечки експерти се нарекуваат и Пет мудреци.
Новиот закон, кој го олеснува доаѓањето на квалификувана работна сила во Германија и кој неодамна беше усвоен од Бундестагот, е чекор во вистинската насока, вели Шницер, но посочува:
„Потребни ни се институции за странци кои нема да ги исплашат, туку да им даваат услуги. Не треба да бараме секој странски работник да зборува германски, туку да се погрижиме вработените кои работат со странци да зборуваат англиски“.
Шницер на тој начин вели дека Германија треба повеќе да инвестира во децата.
„Поразително е што четвртина од четвртоодделенците не знаат добро да читаат“, покажа едно неодамнешно истражување.
Дополнително, компаниите би морале да ги мотивираат постарите вработени да продолжат да работат, односно да не се пензионираат предвреме. Во Германија многумина не сакаат да работат до 67 години, покажуваат и неодамнешните студии.
Шницер смета дека Германија не напредува „како што можеше и требаше“. Меѓу другото, не се инвестираше во потребната инфраструктура, значително заостанува дигитализацијата, а доцна започна и заштитата на климата.
Според Сојузната канцеларија за миграција и бегалци, во многу провинции, за одредени занимања, на пример работа во градинка, потребно е познавање на германски јазик на ниво C1 (напредно ниво).
Подготвено од А.Ѓ.