17.07.2023 Скопје
Иранската полиција продолжува со контроверзните патроли за да се осигура дека жените ги следат правилата за облекување и ја покриваат косата на јавно место.
Полицијата за морал ќе се врати на улиците за да ги спроведе иранските закони за хиџаб, потврди полицискиот портпарол.
Одлуката доаѓа 10 месеци откако 22-годишната Махса Амини почина во притвор откако беше уапсена во Техеран поради наводно кршење на кодексот на облекување.
Нејзината смрт предизвика масовни национални протести и патролите беа стопирани. Но, исламистите веќе извесно време бараат продолжување на патролите.
Според иранскиот закон, кој се заснова на толкувањето на шеријатот во земјата, жените мора да ја покриваат косата со хиџаб и да носат долга, широка облека за да ја покрие својата фигура.
Моралната полиција има задача да ги спроведува тие правила и има моќ да приведува луѓе за кои се смета дека се „несоодветно“ облечени.
За време на патролите, полицајците прво ќе ги предупредуваат жените кои не ги почитуваат правилата, објасни портпаролот на полицијата Саед Монтазеролмади.
Тој додаде дека доколку жените не ги почитуваат наредбите, тогаш полицијата може да одлучи за „правна постапка“.
Махса Амини беше во посета на главниот град Техеран со своето семејство во септември минатата година, кога беше уапсена од полицијата за морал и обвинета за неправилно носење хиџаб.
Таа колабирала откако била однесена во притвор. Тогаш имаше извештаи дека полицијата ја претепала Амини со палка и ја удрила главата во едно од нивните возила.
Ова налути милиони Иранци, што доведе до повеќемесечни насилни антивладини протести низ целата земја, во кои беа убиени 600 демонстранти, вклучително и неколку државни егзекуции.
Во месеците по протестите, многу жени целосно престанаа да носат хиџаб. Тоа беше најголемиот отворен предизвик за свештеничката власт во Иран од револуцијата во 1979 година.
Видеата објавени на социјалните мрежи сугерираат дека до неодамна сè почеста била глетката на жени кои не носат хиџаб.
Иранските власти воведуваат построги казни, вклучително и принудување на деловните субјекти да затворат доколку не го почитуваат законот за хиџаб.
Иако протестите привлекоа голем број Иранци, некои луѓе сè уште цврсто го поддржуваат строгиот кодекс на облекување.
Од револуцијата, Иран има различни форми на т.н морална полиција. Оваа најнова верзија, формално позната како Патрола за водење, ги започна своите патроли во 2006 година.
Не е јасно колку мажи и жени работат за единиците, но тие имаат пристап до оружје и центри за притвор, како и до таканаречените центри за превоспитување.
Како одговор на насилното задушување на демонстрантите од страна на Иран, Велика Британија и другите западни земји минатата година воведоа санкции против припадниците на моралната полиција и другите највисоки безбедносни функционери.
Подготвено од А.Ѓ.