grcija potonat brod so migranti

11.07.2023 Скопје

Грција не треба да биде оптоварена со задачата за управување со миграцијата за ЕУ, ниту да биде обвинета дека не спасува луѓе на море, изјави денеска премиерот Киријакос Мицотакис.

Мицотакис, кој победи на изборите на 25 јуни, рече дека неговата земја се наоѓа на надворешната граница на „многу опасен“ медитерански премин, рута која мигрантите и бегалците се повеќе ја користат за да влезат во ЕУ.

Тој рече дека неодамнешниот договор со ЕУ за миграцијата е позитивен чекор, но не и единствено решение за ова прашање, за кое рече дека е „фундаментално европски проблем“ и дека блокот на ЕУ мора да работи напорно за да се најде сеопфатно решение.

„Многу е неправедно земјите како Грција да бидат оптоварени со задачата да управуваат со овој проблем или да бидат обвинети дека всушност не спасуваат луѓе на море кога тоа го прави нашата крајбрежна стража секој ден“, рече Мицотакис.

Тој рече дека вината треба да се фрли директно на шверцерите и оние кои им помагаат.

„Тие се одговорни за секоја трагедија што ќе се случи во Медитеранот“, рече тој.

Грчката крајбрежна стража спаси 104 луѓе, но стотици мигранти се удавија откако преоптоварен брод се преврте и потона во меѓународните води кај Пилос, Грција, на 14 јуни, во една од најсмртоносните бродски катастрофи во Европа во последниве години.

Се уште се истражуваат причините за бродоломот. Преживеаните рекоа дека бродот се превртел по катастрофалниот обид на грчката крајбрежна стража да го извлече, што Грција го негира.

Грција претставува една од главните патишта кон ЕУ за бегалците и мигрантите од Блискиот Исток, Азија и Африка. Речиси милион бегалци и мигранти преминаа од Турција на грчките острови во 2015 година, но протокот е значително намален по постигнувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција во март 2016 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author