07.07.2023 Скопје
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на ред и мир и за отстранување на корените на неколкудневните немири низ земјата откако полицијата уби седумнаесетгодишник.
Полицаецот обвинет за убиството на тинејџерот Нахел Мерзук е во притвор, а судијата во Версај го одби неговото барање да биде ослободен додека трае истрагата.
„Сите ние доживеавме важен момент во животот на нашата нација“, рече Макрон во градот Пау, додавајќи дека на Франција сега и треба „ред, смиреност, единство“ и дека „се работи на длабоките причини за она што се случи“.
Макрон не прецизираше кои се причините, а ги обвини родителите на младите бунтовници и социјалните мрежи, вклучително и „Тик Ток“ и „Снепчет“, за поттикнување на насилството што се прошири во околу 500 градови и населени места.
Некои активисти, заедно со жителите на населбите со ниски приходи, каде што започна насилството, рекоа дека убиството е најнов доказ за систематската полициска бруталност и нерешениот проблем со расната дискриминација во Франција.
Мерзук имал северноафриканско потекло.
Подготвено од А.Ѓ.