https://www.facebook.com/photo.php?fbid=473126421303311&set=pb.100058178704455.-2207520000.&type=3

04.07.2023 Скопје

Специјалниот пратеник на Европската унија задолжен за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, денеска во Приштина ќе оствари официјална средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи за да ја претстави најновата посредничка мисија за решавање на споровите меѓу двете држави.

Во обид да придонесе за враќање на Приштина и Белград на преговарачката маса и за намалување на тензиите во северно Косово, Лајчак, на барање на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ќе оствари средби и со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Брисел во саботата, на 1 јули, соопшти дека влегле во сила казнени мерки кон Косово поради непреземањето дејствија за средување на состојбите на северот на земјата.

Меѓу мерките е суспендирањето работата на органите на Советот за стабилизација и асоцијација и програмата на ИПА-фондовите.

Исто така се откажуваат билатералните средби со претставници на косовските власти, освен оние кои се однесуваат на спроведување на договорите со Србија и на изнаоѓањето решение за косовскиот север.

Европската унија продолжува да апелира до двете страни да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ.

Подготвено од М.Н.

About Author