19.07.2023 Скопје
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека, единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднела кривични пријави против лицето И.И.(45) и против лицето Д.Ш.(33), и двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување патна исправа” по член 378 од Кривичниот законик.
Во соопштението од МВР стои дека лицето И.И. (45) набавил фалсификувана македонска возачка дозвола за управување со моторни возила од категориите „А“, „В“, „F“, „G“ и „M“, додека Д.Ш. (33) набавил фалсификувана македонска возачка дозвола за управување со моторни возила од категориите „В“, „F“, „G“ и „M“ и ја употребиле при управување возила во Кралството Белгија.
Поради сторени сообраќајни прекршоци во Белгија, на двете лица им биле одземени дозволите и доставени до надлежните служби во државата, по што било утврдено дека се фалсификувани, соопштија од МВР.
Подготвено од М.Н.