05.07.2023 Скопје
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер.
На средбата беа сумирани впечатоците од минатонеделната посета на премиерот Ковачевски на Берлин. Притоа, премиерот Ковачевски изрази благодарност во име на Владата и на граѓаните на Северна Македонија за безрезервната поддршка од Сојузна Република Германија на демократските процеси во нашата земја, интеграцијата во Европската Унија и конкретно за изразената поддршка на спроведување на преговарачката рамка помеѓу Северна Македонија и ЕУ.
Премиерот и во оваа прилика посочи на значењето на Резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг, со која што се изразува силна поддршка на европската интеграција на земјата, и се оддава признание на македонската култура, јазик, идентитет.
На средбата уште еднаш е нагласена силната и недвосмислена поддршка од Германија за продолжување на следните чекори во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, како неповторлива шанса пред којашто се наоѓа нашата држава.
Премиерот Ковачевски и амбасадорката Дрекслер изразија задоволство што македонско-германското партнерство, кое што годинава одбележува 30-години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, значително и континуирано се унапредува, за што доказ е развиената економска соработка. Воедно, потврдена е важноста на Берлинскиот процес и посветеноста на нашата земја во натамошно јакнење и проширување на соработката и проектите во рамки на истиот.
Подготвено од А.Ѓ.