03.07.2023 Скопје
И покрај фактот што подморницата на OceanGate неодамна се урна при нуркање кон потонатиот брод Титаник, при што животот го загубија сите пет патници во него, се чини дека организаторите на „патувањето“ не сакаат да се откажат од овие експедиции. Или барем тоа не го соопштија јавно.
Имено, на официјалната веб-страница на OceanGate сеуште можете да видите понуда за патувања до потонатиот брод Титаник, како и други „експедиции“.
И не само тоа – на страницата се нагласува дека овогодинешната експедиција е сè уште „во тек“, додека се нудат два датума за 2024 година во кои повторно би отишле во потонатиот брод Титаник.
„Ова ќе биде возбудливо и уникатно искуство“, се наведува на страницата, заедно со претходно објавената цена од 250.000 долари по лице за оваа експедиција.
Да потсетиме, пред точно 10 дена, официјален претставник на американската крајбрежна стража потврди дека сите пет лица на исчезнатата подморница OceanGate Titan загинале во „катастрофална имплозија“.
„Овие луѓе беа вистински истражувачи кои споделуваа посебен дух на авантура и длабока страст за истражување и заштита на светските океани“, се вели во соопштението на OceanGate Expeditions.
„Нашите срца се со овие пет души и секој член на нивните семејства во ова трагично време“, напиша тогаш компанијата.
Подводен робот без екипаж испратен од канадски брод ги откри остатоците од подморницата на околу 488 метри од лакот на потонатиот брод стар повеќе од 100 години, 2-1/2 милји (4 км) под површината.
Спасувачките тимови од неколку земји со денови го пребаруваа отвореното море со авиони и бродови за да бараат каков било знак на Титан долг 6,7 метри, со кој управуваше американската OceanGate Expeditions.
Во подморницата имало капетан и четворица патници. Еден од патниците на исчезнатата подморница бил британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг, чија авиокомпанија објавила информации за неговата експедиција на своите социјални мрежи. Во подморницата биле и пакистански бизнисмен и неговиот син.
Подготвено од А.Ѓ.