https://www.flickr.com/photos/natochannel/3726031869/in/photolist-4oacFc-2iFFbPW-4oacFB-2nTyatc-77VWUi-4oegB3-6FfTsM-2mTS54x-kEn5ib-9m2PMf-2o1fZN4-2jJzfTV-2fks3YW-2kKkBKt-e8UCYC-4oegCu-fviR7u-4oacEn-2nmyjd9-4oacDX-4qzkj1-8LNuMH-cvrhbd-cQAe3Y-77VWE2-2hTtNV3-SFutwh-2iAqekG-nVhF6Y-2hUs3AB-dZCAP4-N2sv3z-dAsu6t-KuzPGW-s2AoJ4-2mZa9sr-p5ruQ8-8bKY5V-2iwAQGs-25gTZ6k-61bfXU-2aWNuGu-2jGGdEy-TBaw58-ap653h-iuy2Kw-2nwKxT5-2hUD94J-2kKx561-bpUh9a

10.07.2023 Скопје

Лидерите на земјите членки на НАТО ќе се соберат оваа недела во Вилнус во време кога Алијансата се соочува со, како што е дефинирано во Брисел, најопасната и најнепредвидливата средина од Студената војна.

Како Алијансата ќе продолжи да ги штити своите милијарда граѓани и секоја педа од сојузничката територија се клучни прашања за раководството на Алијансата, заедно со предизвиците како дополнително да се зајакне одвраќањето и одбраната на НАТО и да се приближи Украина до Алијансата.

Според најавите од Брисел и Вилнус, лидерите на НАТО ќе се осврнат на широк спектар на прашања со кои се соочува Алијансата и ќе се погрижат НАТО да остане подготвен да одговори на секој предизвик.

Како што истакнуваат од Брисел во подготовките за самитот, од руската анексија на Крим во 2014 година, НАТО го спроведе најголемото засилување на колективната одбрана на Алијансата во една генерација, подобрувајќи ја нејзината способност да ги брани сите сојузници на копно, на море и на воздухот, во сајбер-просторот и во вселената.

Како одговор на рускиот напад врз Украина во 2022 година, Алијансата работи на дополнително зајакнување на својата политика на одвраќање и одбрана, вклучително и нови регионални одбранбени планови и нов модел на повеќе трупи со висока готовност.

Се проценува дека нивниот модел ќе обезбеди повеќе од 300.000 војници во висока готовност.

Во копнениот домен, вкупно најмалку 100 бригади ќе се состојат од борбени и дополнителни сили.

Ќе вклучува и околу 1.400 борбени авиони и 250 бродови и подморници во висока готовност, со широк опсег на способности во сите домени.

До крајот на 2022 година, европските сојузници и Канада инвестираа дополнителни повеќе од 350 милијарди долари откако лидерите на НАТО во 2014 година се согласија да ги зголемат инвестициите во одбраната.

Во Вилнус, лидерите на Алијансата ќе одлучат за новото ветување за одбранбена инвестиција да трошат најмалку 2% од својот БДП за одбрана годишно.

Незаменлива тема е поддршката за Украина.

Сојузниците во НАТО му даваат невидена поддршка на Киев, што се рефлектира во обезбедувањето средства за противвоздушна одбрана, тенкови, артилерија и обука на украинските војници, вклучително и борбени авиони од четвртата генерација.

Сите сојузници се согласуваат дека Украина ќе стане членка на НАТО, дека вратата на НАТО останува отворена и дека Украина и сојузниците на НАТО треба да одлучат за нејзиното членство во НАТО, без разлика дали е одреден датумот или не.

„На претстојниот самит во Вилнус, лидерите на НАТО ќе потврдат дека Украина ќе стане членка на Алијансата и ќе донесе единствена одлука како Киев да се приближи до таа цел“, изјави минатата недела генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Многу членки на Алијансата, сепак, генерално се согласуваат дека Украина може да се приклучи само откако војната ќе заврши.

Во меѓувреме, највисоките сили на Алијансата работат за да видат какви безбедносни обврски можат да преземат кон Украина додека таа не стане членка на НАТО.

Исто така, тема ќе биде зајакнувањето на соработката со мрежата на партнери, вклучително и Европа и Индо-пацифичкиот регион и со други меѓународни организации, особено со Европската Унија.

Финска и Шведска беа поканети да се приклучат на Алијансата на минатогодишниот самит во Мадрид.

Финска се приклучи на НАТО претходно оваа година.

Шведска е веќе длабоко интегрирана во секој аспект од работата на НАТО и ќе се приклучи веднаш штом сите сојузници ќе го ратификуваат нејзиниот Протокол за пристапување.

Турција засега се противи на ова, а свои резерви има и Унгарија.

Поради тоа американскиот претседател Џо Бајден и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе се сретнат на маргините на самитот во Вилнус, соопштија од кабинетот на турскиот лидер.

Бајден и Ердоган телефонски разговарале за ситуацијата околу членството на Украина и Шведска во НАТО и прашањето за снабдување на Турција со авиони Ф-16, како и за членството на Турција во ЕУ, соопшти кабинетот на Ердоган.

Ердоган рече дека Шведска презела некои чекори во вистинската насока со измена на антитерористичките закони, но фактот што приврзаниците на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Турција продолжиле слободно да демонстрираат глорифицирање на тероризмот ги прави преземените чекори бескорисни.

Во НАТО се повеќе се посветува внимание на соработката со партнерите од Индо-пацифичкиот регион, меѓу кои Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја, чии лидери ќе присуствуваат на вториот самит по ред.

Според генералниот секретар на НАТО, НАТО останува посветен на соочување со заканите и предизвиците од која било насока. Тие вклучуваат тероризам, сајбер напади, присилна политика на Кина, непушачите технологии и безбедносното влијание на климатските промени.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author