avstrija ekologija

10.07.2023 Скопје

Високо во австриските Алпи, стотици градежни работници се трудат во огромен подземен проект наменет за складирање на хидроенергија бидејќи климатските промени го намалија производството на електрична енергија зависно од количината на протокот на водата во земјата.

Австрија црпи повеќе од 60 отсто од производството на електрична енергија од обновливите извори на енергија, во споредба со глобалниот просек од 16 отсто, со повеќе од 3.100 брани распослани низ нејзините реки.

Но, количината на електрична енергија произведена преку хидроенергијата во земјата на Европската унија е намалена, од околу 45 терават часови (TWh) во 2020 година на 42 TWh во 2021 година, бидејќи нивото на водата паѓа.

За првпат минатата година, Австрија, која, исто така, сè уште многу се потпира на рускиот гас, мораше да увезува електрична енергија.

Внатре во планинскиот венец покриен со снег, над австриското село Капрун во регионот на Салцбург, камионите грмат во и надвор од огромното подземно градилиште, кое е прошарано со статуи на Света Барбара, покровител на рударите и други кои се занимаваат со опасни занаети.

Работата за ископување на електраната со пумпа Лимберг 3 привршува.

Фабриката треба да биде оперативна до 2025 година за складирање на електрична енергија со цел да се задоволат врвовите во потрошувачката на електрична енергија и да се ублажат промените во временските шеми, вклучително и сè покаприциозните и неправилни врнежи.

„Сакаме да бидеме добро подготвени“, рече Клаус Хебенстрајт, извршен директор на главниот производител на електрична енергија „Вербунд“.

„Дистрибуцијата на водата во текот на годината ќе се промени: ќе имаме помалку вода во лето поради суша и повеќе во зима поради топењето на снегот“, додаде тој.

Според Роман Нојнтејфел, висок истражувач на Виенскиот универзитет за природни ресурси и науки за животот, Австрија две години ја погоди суша, како и остатокот од Европа.

„Ако има неколку сушни години по ред, тогаш ова станува многу забележливо. Нивото на водата никогаш не било пониско од почетокот на рекордите“ пред околу 100 години, рече тој.

Во извештајот на Светската метеоролошка организација и службата за климатски промени Коперник на Европската унија се наведува дека Европа треба да се подготви за повеќе смртоносни топлотни бранови поттикнати од климатските промени.

Исто така, во извештајот се истакнува дека континентот во светот кој најбрзо се затоплува бил за околу 2,3 степени Целзиусови потопол минатата година отколку во прединдустриското време.

На Алпите, глечерите забележаа нова рекордна загуба на маса за една година во 2022 година, предизвикана од многу ниски зимски нивоа на снег, топло лето, како и наслаги на сахарска прашина разнесена од ветрот.

„Вербунд“, полујавна компанија, продолжува да фрла милијарди евра за производство на хидроенергија и покрај критиките од активистите кои велат дека браните и постројките имаат големо влијание врз животната средина.

„Проширувањето на хидроенергијата мора да биде еколошки и социјално компатибилно. Целосното проширување на хидроенергијата не е решение за нашиот енергетски проблем. Наместо тоа, неопходно е да се заштеди енергија“, велат од Word Wildlife Fund на својата страница.

„Водата ќе продолжи да биде исклучително важна за нас, но ние исто така сакаме да развиеме фотоволтаична и ветерна енергија“, изјави Хебенстрајт во Виена на денот кога температурите се искачија до 37 степени Целзиусови.

Австрија, која има за цел да ја црпи целата своја електрична енергија од обновлива енергија до 2030 година, бавно развива енергија од ветер и сончева енергија, кои сочинуваат само 13 отсто од нејзината електрична енергија.

„Сончевата енергија е прекрасно изобилна во лето. Но, производството е премногу ниско во зима, токму кога ни е потребна за греење“, рече Нојнтејфел.

„А со ветерот, уште потешко е да се планира: може да има денови без ветер, а потоа производството на енергија од ветер во голема мера ќе престане“, рече тој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author