14.07.2023 Скопје
Украински генерал изјави дека Украина добила контроверзна касетна муниција од САД, откако американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека донел „тешка одлука“ да го одобри нивното префрлање во Украина.
„Само што го добивме, сè уште не сме го користеле, но може радикално да ја промени ситуацијата на бојното поле“, изјави генералот Олександр Тарнавски, командант на операцијата на здружените сили Таврија.
Тој додаде дека врвот на армијата ќе одлучува за областите каде може да се користи.
Тарнавски потсети дека употребата на касетни бомби е забранета во густо населените области, дури и ако тие се окупирани од руските сили.
САД претходно објавија дека добиле писмени гаранции од Украина дека нема да се користат во области со цивили и дека нивната употреба ќе се следи за можни операции за деминирање.
Употребата на касетни бомби е забранета во 120 земји.
Јевхенија Кравчук, заменик-шеф на пратеничката група на владејачката партија „Слуга на народот“ во Врховна Рада, изјави дека по завршувањето на војната во Украина дефинитивно ќе се одржат парламентарни и претседателски избори.
Таа додаде дека на состанокот на пратеничката група „Слуга на народот“ се зборувало за избори во контекст на неможноста да се одржат за време на вонредна состојба.
Таа објасни дека има најмалку два клучни предизвици. Прво, додаде таа, многу Украинци заминаа во странство, а по завршувањето на војната, тие нема да се вратат некое време. Според неа, тешко е да се создадат избирачки места во странство, бидејќи таму има милиони Украинци, што е огромен товар за конзулатите.
Второ, истакна Кравчук, во Украина беа уништени многу инфраструктурни објекти каде вообичаено се одржуваат избори, како што се образовни институции, спортски сали, културни центри.
Подготвено од А.Ѓ.