17.07.2023 Скопје
Поморските сили на САД, Јужна Кореја и Јапонија одржаа заедничка вежба со цел да подготват одговор на можното лансирање на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, соопшти воената морнарица на Сеул, прецизирајќи дека маневрите се одржале во меѓународните води меѓу Јужна Кореја и Јапонија и учествувале крстосувачи со радарски системи „Егис“ доставени до силите на трите сојузници.
Вежбата е организирана откако Пјонгјанг во средата на 12 јули го објави пробното лансирање на Hwasong-18 ICBM, опишан како „суштината на севернокорејската нуклеарна ударна моќ“. Тестот беше дефиниран како „практично предупредување за противниците“.
„Ефикасно ќе одговориме на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани со силен воен систем за одговор и нашата трилатерална соработка“, стои во соопштението од јужнокорејската морнарица.
Подготвено од М.Н.