https://www.flickr.com/photos/casamatita/41616394025

18.07.2023 Скопје

Според годишната сметка на ЈСП Скопје, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ја завршило минатата година со загуба од 383.928,366 денари, (повеќе од 6,2 милиони евра).

При тоа, 2022 година ЈСП ја завршило со вкупни приходи од 1.699.251.767 денари и со расходи во износ од 2.083.150.133 денари. Затоа, советниците на наредната седница на Советот на Град Скопје, која е закажана за в четврток, ќе треба да дадат согласност за одлуката за покривање на загубата на претпријатието од страна на неговиот основач – Град Скопје.

Претпријатието го завршило првото тромесечје годинава со позитивни финансиски резултати, односно со остварена добивка од 74,8 милиони денари пред оданочувањето, вкупни приходи во износ од 512 милиони денари, што е за 6,8 проценти или за 37 милиони денари помалку од лани.

Расходите, пак, во овој период се во износ од 437,2 милиони денари, што е за 13,2 проценти или за 66,6 милиони денари помалку од лани.

Според извештајот за остварените резултати од работењето на ЈСП „Скопје“, во периодот јануари-март 2023 година, просечната старост на возниот парк изнесувала 11,29 години, што претставува зголемување за 3,48 проценти во споредба со состојбата од минатата година, кога таа била 10,91 проценти. Од ЈСП образложуваат дека соодветно влијание на порастот имало и расходувањето на 22 возила, согласно со одлуката на Управниот одбор на ЈСП донесена на седницата одржана на 29.12.2022 година.

Во првиот квартал од годинава, во линискиот превоз биле поминати вкупно 4.433.297 километри, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период минатата година. Според ЈСП, тоа е резултат на зголемениот број поминати километри и на градските линии за 2,6 проценти и на приградските за 15 проценти.

Во овој квартал, во автобусите на ЈСП биле превезени вкупно 8.981.473 патници, што е за 44,8 повеќе во споредба со истиот период лани. Порастот, како што велат од ЈСП, е резултат на зголемениот број превезени патници со неперсонализирани билети за 35,3 проценти, со персонализирани билети за 49,7 проценти, договорен превоз за 82,2 проценти и патници со дополнителни билети за 128,9 проценти.

За разлика од лани, зголемен е и бројот на сообраќајни незгоди во кои учествувале возила на ЈСП. Така, во првото тромесечје од годинава возилата на ЈСП учествувале во 61 сообраќајна незгода, што е за 48, 8 проценти или учествувале во 20 сообраќајни незгоди повеќе од лани. Во овој период се случиле вкупно 161 инцидент, што е за 30,9 проценти повеќе од лани.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author