18.07.2023 Скопје
Како дел од новиот пакет санкции, јапонските власти ќе воведат забрана за извоз на користени автомобили во Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Одлуката за забрана за извоз на користени автомобили, кои се многу барани во Русија, е насочена кон зајакнување на ефективноста на веќе постоечките санкции.
Портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно на прес-конференција ја критикуваше одлуката на Русија да се повлече од договорот за жито, опишувајќи ја одлуката како за жалење.
Тој додаде дека Јапонија внимателно ќе ги следи последиците од таа одлука врз глобалното снабдување со храна.
„Во соработка со земјите од Г7 и меѓународната заедница, Јапонија ќе ја повика Русија да се врати на договорот за жито“, рече Мацуно.
Јапонскиот извоз во Русија во 2022 година изнесуваше повеќе од четири милијарди долари, што е намалување за 30 отсто во споредба со 2021 година.
Патничките автомобили, од кои повеќето беа користени, сочинуваа повеќе од половина од таа бројка – околу 2,2 милијарди долари.
Подготвено од А.Ѓ.