31.07.2023 Скопје
Министерството за одбрана соопшти дека подготовката за изработка на технички аранжман за вклучување на италијанските воздухопловни сили во мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо започна во текот на вчерашниот ден.
Од Министерството за одбрана информираат дека согласно планот за билатерална соработка со Италија, вчера во Воздухопловниот ВИНГ „се одржа иницијален состанок во врска со подготовката и изработката на технички аранжман за вклучување на военото воздухопловство на Република Италија во мисијата за воздушно патролирање на небото на Република Северна Македонија“.
Италија, согласно донесената одлука, наскоро ќе се вклучи во оваа мировна мисија на НАТО со патролирање во македонскиот национален воздушен простор со цел зајакнување на мисијата на воздушно патролирање. Со оваа одлука, Република Северна Македонија се доближува до целосно исполнување на критериумите на интегрираниот систем за противвоздушна и ракетна одбрана на НАТО во заштитата на македонското небо.
Според Министерството за одбрана, патролирањето ќе се реализира согласно НАТО принципите на заменливост меѓу воздухопловните сили на Грција и Италија во координација со НАТО Центарот за воздухопловни операции во Торехон, Шпанија и македонските воздухопловни власти.
Подготвено од А.Ѓ.