29.07.2023 Скопје
Италијанската влада се обидува да постигне договор со супермаркетите и производителите на храна за ограничување на цените на основните производи – и на прехранбените и на непрехранбените производи.
Италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо преговара за договор со главните играчи на пазарот и сака тие да „понудат низа секојдневни прехранбени и непрехранбени производи од октомври до декември“ оваа година.
Според предлогот поддржан од италијанската влада, синџирите на супермаркети треба да дефинираат кошница со основни прехранбени и непрехранбени производи за кои би важеле намалени цени.
Покрај храната, во оваа категорија би биле вклучени и производи за деца и лична хигиена.
Дистрибутерите на споменатите производи треба да ја известат италијанската влада за нивните планови да учествуваат во оваа иницијатива до 15 септември.
Според идеите на владата во Рим, продавниците за малопродажба што ќе учествуваат во споменатата кампања ќе бидат означени со специјални налепници на излозите, во боите на италијанското знаме – зелена, бела и црвена – со натпис „квартал против инфлација“.
Годишната стапка на инфлација во Италија во јуни се забави на 6,7 отсто, исто како и растот на цените на храната – за 10,5 отсто, но сепак е на високо ниво.
Подготвено од А.Ѓ.