COP27, globalno zatopluvanje

11.07.2023 Скопје

Истражувањето објавено во списанието „Nature Medicine“ покажа дека смртта на повеќе од 61.000 луѓе во Европа е поврзана со жештините во 2022 година.

Според програмата на ЕУ за набљудување на Земјата „Коперник“, летото 2022 година беше најжешката сезона во Европа.

„Проценивме вкупно 62.862 смртни случаи поврзани со топлина во Европа во 2022 година, при што 61.672 од тие смртни случаи се случиле помеѓу 30 мај и 4 септември“, се наведува во списанието.

Највисоки стапки на смртни случаи од летните горештини во Европа се забележани во Италија, Шпанија, Германија и Франција и главно кај жените и постарите лица.

Како што е наведено во студијата, европската агенција за статистика Еуростат претходно објави висока стапка на смртност во Европа во летото 2022 година. Сепак, агенцијата не објави податоци за смртни случаи поврзани со топлина.

Според податоците на ОН, од 1980-тите температурата во Европа пораснала двојно побрзо од глобалниот просек, додека во 2022 година најмалку 16.000 луѓе загинаа поради климатски катастрофи и екстремни горештини.

Светската метеоролошка организација објави прогноза која укажува дека глобалната температура би можела да достигне рекордно високо ниво во следните пет години. За ова би придонеле антропогениот фактор, односно гасовите со ефект на стаклена градина и природниот фактор – промената на фазите на океанските струи од „Ла Ниња“ во „Ел Нињо“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author