03.07.2023 Скопје
Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2022 година покажуваат дека пречистителните станици во дел од македонските општини лани не си ја вршеле својата дејност во континуитет. Воедно, покажуваат алармантен пораст на отпадните води кои непречистени се вливаат во реките, езерата, подземните води и акумулациите во Република Северна Македонија.
За само една година, процентот на непречистени отпадни води кои се влеваат во природата се искачил за повеќе од 10 проценти, и тоа од 62 проценти во 2021 на дури 72,4 проценти во 2022 година. Во количини на испуштени фекалии кои се вливаат како непречистени во природата, за една година тие се зголемиле за над 12,5 милиони метри кубни.
Истовремено, количеството на отпадни води кои биле пречистени од македонските пречистителни станици за една година се намалило за над 10 милиони метри кубни. Ваквите податоци се алармантни, бидејќи покажуваат оти веќе изградените објекти за пречистување на водите и општинските јавни претпријатија не си ја вршат својата работа односно не ги пречистуваат отпадните води, за кои домаќинствата и компаниите се обврзани да плаќаат месечни сметки за вршење на услугата за пречистување на водите.
Податоците на ДЗС покажуваат дека вкупното количество создадени отпадни води во 2022 година било за 3,3 отсто помало во однос на 2021 година. Вкупното количество на испуштени отпадни води лани изнесувало 102.567.000 метри кубни, додека една година претходно како општество сме испуштиле фекалии во износ 102.648.000 метри кубни.
Случајно или не, намалувањето на процентот на пречистени отпадни води минатата година доаѓа во период кога општинските јавни претпријатија се жалеа на огромните сметки за струја кои ги добивале на месечно ниво и на долговите кои ги направиле поради набавката на електрична енергија на слободниот пазар.
Податоците од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2022 година говорат дека има 20 македонски општини, односно даватели на водни услуги кои овозможуваат пречистување на отпадните води. Во споредба со 2021 година, бројот на општини во кои има пречистителни станици лани бил зголемен за две. Сепак, како што посочивме погоре, лани имало намалено количество на фекалии кои минуваат низ системот за третман во пречистителните станици.
Подготвено од А.Ѓ.