25.07.2023 Скопје
Нето вредноста на извршниот директор на Tesla и SpaceX се зголеми за 1,75 отсто на 240,7 милијарди долари.
Илон Маск, извршниот директор на Tesla и SpaceX, повторно ја освои титулата „најбогат човек на светот“, надминувајќи го францускиот магнат за луксузни производи Бернар Арно, претседател на групацијата LVMH.
Според листата на најбогати луѓе на светот на магазинот Форбс, нето вредноста на Маск се зголемила за 1,75% до вчера попладне по локално време на 240,7 милијарди долари.
Зголемувањето на вреднувањето на акциите на Tesla за повеќе од 2,5% имаше влијание Маск да ја врати титулата.
Богатството на Арно, претседател на гигантот за луксузни стоки LVMH, кој ги поседува Луј Витон, Кристијан Диор и Тифани, падна за повеќе од 1% на 234,9 милијарди долари. Маск го надмина Арно и го зазеде првото место на листата на најбогати луѓе во светот.
Џеф Безос, основачот на Амазон и најбогатиот човек на светот извесно време, го зазеде третото место со богатство од 151,9 милијарди долари.
По Безос следуваат основачот и поранешен извршен директор на Oracle, Лери Елисон со 148,1 милијарди долари, основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс со 120,6 милијарди долари и извршниот директор на Беркшир Хатавеј, Ворен Бафет со 117,3 милијарди долари.
Маск, кој минатата година го купи Твитер за 44 милијарди долари, во неделата го смени логото на компанијата од „сина птица“ во буквата „Х“ и го насочи името на доменот X.com на страницата.
Подготвено од А.Ѓ.