hrvatska

19.07.2023 Скопје

Хрватска ја понуди својата железничка мрежа и пристаништа во Јадранското Море за транспорт на украинско жито преку алтернативни рути, по руското блокирање на Црноморската иницијатива за жито, изјави хрватскиот државен секретар за политички прашања Франо Матушиќ на состанокот на Генералното собрание на ОН за време на отворената министерска дебата за ситуацијата на привремено окупираните територии на Украина.

„Хрватска е подготвена да помогне во изнаоѓањето нови рути за украинскиот извоз на жито. Меѓу можните алтернативни рути се хрватските железници и пристаништата во Јадранското Море“, рече тој.

Според хрватскиот државен секретар, одлуката на Русија да не го продолжи договорот предизвикува закана од глад во многу делови од светот.

Во својот говор, Матушиќ истакна дека Хрватска од првите денови на руската инвазија порача дека стои покрај Украина и нејзиниот народ и дека е подготвена да ја поддржува Украина се додека е потребно.

Претседателот Володимир Зеленски претходно изјави дека иницијативата за жито може да функционира без учество на Русија и дека со повлекувањето од договорот за жито, Русија ги прекршува сопствените договори со Турција и ОН, бидејќи Украина нема договори со Русија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author