11.07.2023 Скопје
Грција се подготвува за топлотниот бран „Клеон“ што ќе ја зафати земјата и се очекува во периодот од петок до недела температурите да бидат од 42 до 44 степени Целзиусови.
Изминативе денови се одржани многубројни состаноци во надлежните Министерства, воедно издадени се и препораки до граѓаните за заштита.
Министерството за труд и социјала на Грција упати препорака до работодавците во периодот меѓу 12 и 17 часот да го намалат обемот на работа и/или да ја прекинат работата за оние кои работат на отворено или се изложени на високите температури.
Додека пак, Министерството за здравство по состанокот излезе со препораки и совети до граѓаните како да се зашитат од високите температури.
Министерството за животна средина и енергетика одржа состанок за да нема проблем во снабдувањето со електрична енергија. Исто така, од Министерството повикаа на разумно користење на електричните уреди во периодот меѓу 20 и 22 часот.
Денеска, вонреден состанок ќе се одржи и во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција.
Според прогнозите, во Грција од утре постепено ќе почне да се зголемува температурата и истата се очекува да кулминира за време на викендот.
Метеоролозите не ја исклучуваат можноста топлотниот бран „Клеон“ да трае и една седмица.
Подготвено од А.Ѓ.