novak gjokovic

06.07.2023 Скопје

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во третото коло на „Вимблдон“, откако го совлада Австралиецот Џордан Томпсон со 6:3, 7:6, 7:5.

Ѓоковиќ во Лондон во следното коло ќе игра против подобриот од дуелот кој во четврток ќе го играат Швајцарецот Станислас Вавринка, поранешниот трет играч во светот и Томас Ечевери од Аргентина.

Најдобриот светски тенисер во првиот меѓусебен дуел со Австралиецот беше голем фаворит за пласман во следната рунда, без многу мака ги оправда очекувањата и стигна до својата 30 последователна победа на овој турнир.

Во својот поход кон историја на тенисот, Ѓоковиќ стигна до јубилејниот 350 Грен слем триумф, а сега само Рожер Федерер со 369 и Серена Вилијамс со 365 победи се поуспешни од него во оваа категорија.

Ѓоковиќ на „Вимблдон“ последниот пораз го имаше во 2017 година од Томаш Бердих, кога го предаде мечот поради повреда во четвртфиналето, а триумфот над Томпсон беше 30-ти во низа на овој турнир.

Уште поимпресивен е фактот што последен пат загуби на Централниот терен, каде се играше дуелот со Томпсон, во 2013 година, кога Енди Мареј во финалето беше подобар од Ѓоковиќ.

Подготвено од М.Н.

About Author