https://www.flickr.com/photos/anberlin/28685351557/in/photolist-KGPVCR-of8u7R-KXwtop-2i2xV8T-FcA7R7-JdJYf8-psNQhA-Fs8r57-2nmcBHp-JzEUKc-DngDd4-2iYyMoD-4YG8S9-tyV7W-2ni3cTy-LkVnsE-2nwcmhr-Gozunk-HK971Z-2k35i4q-oj8wgV-2g61dGq-2hxEnsN-2kDmDfW-2mwhkAF-2i1tbt4-N4krej-JiidSu-PY3Y9x-2m2P95w-24cEqk6-2co23Xc-nMcaEv-CWsYFR-VEGLGZ-Ev3VxN-2hweV95-ZSComE-2585Tn8-2mwSdk9-2j1Yc8y-V9kjJJ-cL4Rm1-JJuNXV-23PqKKu-Xip6gz-27xKWvw-VyXUKV-2nhpfNB-JXtsFW

07.07.2023 Скопје

Борис Писториус, министер за одбрана на Германија, ќе има на располагање 51,8 милијарди евра во 2024 година, 1,7 милијарди повеќе од оваа година.

Ако на таа сума се додадат 19,2 милијарди евра од специјалниот фонд што беше формиран по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, Германија следната година ќе потроши 71 милијарда евра за одбрана.

Имено, германската влада го одобри предлог-буџетот за 2024 година, каде акцентот беше ставен на безбедноста на земјата.

Олаф Шолц, германскиот канцелар и владејачката коалиција одлучија како приоритет да ја стават одбраната во буџетот за следната година.

„Безбедноста на Германија е наш најголем предизвик и затоа е голем предизвик за буџетот за следната година“, рече Шолц и додаде дека војната во Украина е фактор што покрај другите обврски на државата, придонел за формирање од буџетот.

Надлежните нагласуваат дека овој потег означува крај на една ера, дека ова е рекорд во распределбата на државните пари за безбедноста.

НАТО бара од своите членки годишно да издвојуваат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана, а Германија ќе ја исполни таа цел или очекување следната година.

Во исто време, германската влада им порача на другите министерства дека мора да го „стегнат ременот“ бидејќи во 2024 година нема да можат да земаат нови кредити. Уставната одредба што ги спречуваше министерствата да земаат нови заеми беше привремено суспендирана со цел да се санираат штетите предизвикани од пандемијата на корона вирусот и енергетската криза.

Кристијан Линднер, германскиот министер за финансии и лидер на фискално одговорната Слободна демократска партија (ФДП), инсистираше на враќање на механизмот, што ќе доведе до заострување на односите меѓу ФДП и Социјалдемократската партија на Германија, предводена од Шолц, и Зелените, предводени од од Рикарда Ланг и Омид Нурипур.

Линднер вели дека неговата фискална одговорност ќе помогне да се ублажи влијанието на инфлацијата и да и помогне на Европската централна банка на крајот да го врати годишниот пораст на потрошувачките цени во еврозоната на посакуваните два проценти.

Линднер го претстави предлог-буџетот на Германија за 2024 година во износ од 445,7 милијарди евра, што е значително помалку од оваа година, што е 476,3 милијарди евра, а лани беше 481,3 милијарди евра.

Германскиот буџет за 2024 година и финансискиот план за периодот од 2024 до 2027 година насловен „Враќање во фискалната нормала“ предвидува дека износот на новите заеми што треба да се земат на федерално ниво ќе падне од 16,6 милијарди евра во 2024 година на 15 милијарди во 2027 година.

И покрај ова, германското Министерство за финансии соопшти дека германскиот буџет од 2025 до 2027 година ќе има дефицит од над 14 милијарди евра.

Веста за зголемување на трошоците за одбрана во Германија доаѓа пред членките на НАТО да презентираат малку поамбициозен план за трошоци на состанокот што ќе се одржи следната недела во Вилнус, Литванија.

Се предвидува дека земјите-членки ќе се согласат да инвестираат најмалку два отсто од својот БДП во своите армии што е можно поскоро. Сепак, некои земји нема да можат да се доближат до таа цел уште некое време.

Кабинетот на Шолц потоа го испраќа буџетот до Бундестагот, каде парламентарците дополнително ќе го доработат.

Се очекува буџетот да биде финализиран до средината на декември и потоа да биде одобрен.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author