germanska vojska

10.07.2023 Скопје

Германија за првпат ќе испрати свои војници во Австралија, како дел од заедничките вежби со околу 30.000 војници од 12 земји, што ќе го покаже зголемениот интерес на Берлин за индо-пацифичкиот регион, поради зголемените тензии со Кина.

Во претходните години Германија го зголеми своето воено присуство во индо-пацифичкиот регион, што е тенка линија меѓу безбедносните и економските интереси.

„Тоа е регион од големо значење за нас во Германија, како и за Европската унија, поради економската меѓусебна поврзаност“, изјави началникот на Генералштабот на германската армија Алфонс Маис, неколку часа пред првите германски војници да заминат за Австралија.

Пекинг е најважниот трговски партнер на Берлин, а 40 отсто од германската надворешна трговија оди преку Јужното Кинеско Море, околу кое има територијални спорови во Индо-Пацификот.

Пред две години, германски воен брод влезе во Јужното Кинеско Море за првпат по речиси 20 години.

Минатата година Берлин испрати 13 воени авиони на заеднички вежби во Австралија.

Маис рече дека до 240 германски војници, вклучително и 170 падобранци и 40 морнари, ќе учествуваат во вежбата Талисман Сабја од 22 јули до 4 август, најголемата вежба на две години меѓу Австралија и САД.

Германците ќе тренираат за симулирани војни во џунгла и операции за слетување, заедно со војници од Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Франција и Велика Британија.

„Ние имаме намера да покажеме дека сме сигурен и способен партнер кој ќе придонесе за стабилизација на редот во регионот. Кога станува збор за Кина, Германија нема за цел да антагонизира никого. Ова е чисто за да се види перспективата на другите нации во нивниот поглед на светот“, рече тој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author