chipovi japonija

24.07.2023 Скопје

Германската влада планира да инвестира 20 милијарди евра во производството на чипови и со тоа да го поттикне технолошкиот сектор во земјата.

Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц сака да обезбеди снабдување со критични компоненти поради растечките геополитички тензии.

Берлин споменатата сума ќе ја додели од вонбуџетскиот фонд за клима и трансформација (КФТ), а Германија овие пари ќе ги распределува на германски и странски компании до 2027 година, велат извори вклучени во преговорите.

Американскиот производител на чипови Интел и тајванската TSMC ќе добијат 75 отсто од вкупната сума.

Интел ќе добие субвенции од германската влада во износ од 10 милијарди евра, кои се планирани за фабриката за чипови во Магдебург.

Оваа сума претставува третина од вкупната инвестиција во објектот.

Германската влада е во завршна фаза од преговорите со најголемиот светски производител на чипови, тајванскиот TSMC.

Берлин сака TSMC да изгради фабрика за чипови во Дрезден, а германската влада ќе одвои пет милијарди евра за тајванската компанија, што е половина од вкупната инвестиција во објектот, тврдат упатени извори.

Најголемиот германски производител на полупроводници, германскиот Infineon, ќе добие милијарда евра, што претставува околу 20 отсто од инвестицијата во новата фабрика за чипови во близина на Дрезден.

Државна стимулација ќе добие и заедничкото вложување на германската компанија ZF Friedrichshafen и американската компанија Wolfspeed, која бара државна помош од 750 милиони евра.

Берлин се одлучи за големи субвенции и покрај тоа што германската влада планира да го скрати буџетот за следната година, што значи и намалување на трошоците за социјалната политика.

Германскиот пакет за субвенции за индустријата за чипови е поголем од најавените инвестиции на владата на Јапонија – 12,62 милијарди евра, или Индија – 9 милијарди евра, во истиот сектор, наведува американската агенција.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author