22.07.2023 Скопје
Европа стои до Украина и Повелбата на Обединетите нации и го поддржува мировниот план предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Њујорк, каде во име на Европската унија ја прими „Светската награда за мир и слобода“.
Оваа војна, исто така, оди против самите основи на Обединетите нации и е насочена кон самата идеја за светски поредок заснован на меѓународното право, каде што сите суверени земји имаат еднакви права и сите земји мора да се воздржат од употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава, изјави Фон дер Лајен.
Украина не се бори само за сопствената слобода, туку за слободата на секоја земја, изјави Фон дер Лајен.
Украинците направија јасен избор за владеење на правото и демократија. Тие сакаат да влезат во Европската унија. Тоа значи длабоки и структурни реформи, од независноста на судството до борбата против корупцијата, од малцинските права до слободата на медиумите. Неверојатно е да се види колку брзо и решително Украина ги спроведува овие реформи и покрај војната, додаде претседателката на Европската комисија.
Подготвено од М.Н.