28.07.2023 Скопје
Европската централна банка ја зголеми референтната каматна стапка за уште 25 базични поени со цел да ја потисне високата инфлација и да се стреми да ја врати на среднорочното целно ниво од два отсто, објави Европската централна банка (ЕЦБ).
Европската централна банка одлучи да зголеми три клучни каматни стапки за 25 базични поени. Според тоа, каматната стапка на операциите за главно рефинансирање и каматните стапки на маргиналната кредитна линија и на депозитната линија од 2 август годинава ќе се зголемат на 4,25 отсто, 4,5 отсто и 3,75 отсто.
За потсетување, Европската централна банка минатиот пат во јуни зголеми три клучни каматни стапки за 25 базични поени. По јунскиот пораст, основната каматна стапка на ЕЦБ беше 3,5 отсто.
„Инфлацијата продолжува да паѓа, но сепак се очекува предолго да остане покачена. Имено, се очекува инфлацијата дополнително да опаѓа до крајот на годината, но ќе остане над целта подолг период. Условите за финансирање повторно се заострија и сè повеќе влијаат на намалувањето на побарувачката, што е важен фактор за враќање на инфлацијата до целта“, велат од ЕЦБ.
Исто така, американската централна банка (ФЕД) вчера ја зголеми референтната каматна стапка на ниво меѓу 5,25 и 5,5 отсто, што е највисок износ во последните 22 години. Претставници на американската централна банка проценуваат дека до крајот на годината ќе биде потребно уште едно зголемување на основната каматна стапка.
Подготвено од А.Ѓ.