04.07.2023 Скопје
Европската унија одлучи да спроведе низа мерки против Приштина бидејќи не ги презеде неопходните чекори за деескалација на ситуацијата, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Стано изјави дека работата на органите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација е привремено суспендирана, дека е одлучено Приштина да не биде поканета на настани на високо ниво, дека билатералните посети ќе бидат прекинати, освен оние кои имаат за цел да се реши кризата во северниот дел на покраината во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ.
Тој изјави дека се чека програмирањето на средствата за самопрогласено Косово како дел од програмската вежба ИПА 2024, како и дека предлозите на Приштина во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан не биле доставени на разгледување од Комитетот на 29-30 јуни.
Властите во Приштина беа известени за овие мерки на 28 јуни.
Стано додаде дека овие мерки се привремени и целосно реверзибилни во зависност од развојот на ситуацијата на терен и одлуките за деескалација што ги донесе премиерот на приштинските привремени институции, Албин Курти.
Тој повтори дека ситуацијата на северот на Косово и Метохија е сериозна загриженост за Брисел и посочи дека не може да се дозволи нестабилност, тензии и насилство.
Тие очекуваат, како што рече, самопрогласеното Косово да дејствува на деескалирачки начин и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на север.
„Градоначалниците треба привремено да ги извршуваат своите должности во други простории, а не во општинските згради. Предвремените избори треба да се распишат што е можно поскоро во сите четири општини и да се организираат на целосно инклузивен начин. Тоа значи со целосно и безусловно учество на Србите“, истакна Стано.
Тој, исто така, посочи дека е неопходно ЕУ да го олесни дијалогот предводен од висок претставник и да продолжи со брзата имплементација на Договорот на патот кон нормализација и неговиот Анекс за имплементација, кој вклучува и формирање на Заедница на српски општини.
Стано рече дека специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во наредните денови ќе ги посети Белград и Приштина.
Подготвено од А.Ѓ.