31.07.2023 Скопје
По средбата во Манила со филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ЕУ е подготвена да ја зајакне соработката со Филипините во областа на поморската безбедност.
„Подготвени сме да ја зајакнеме соработката со Филипините на полето на поморската безбедност преку процесите на размена на информации, спроведување проценки на заканите и градење на капацитетот на филипинската крајбрежна стража“, рече фон дер Лајен во заедничката изјава со Маркос.
Филипините се наоѓаат во област на геополитичко ривалство меѓу Соединетите Држави и Кина, со поморска територија која вклучува дел од Јужното Кинеско Море и стратешки и богат воден пат за кој Кина тврди дека има суверенитет.
Маркос и Урсула фон дер Лајен разговараа и за рестартирање на преговорите за договори за слободна трговија и енергија.
Подготвено од А.Ѓ.