04.07.2023 Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен јасно им стави до знаење на Полска и Унгарија дека одлуките за миграциската политика на блокот треба да се носат со квалификувано мнозинство, само неколку дена откако двете земји го минираа лидерскиот самит во знак на протест против предложената реформа.
Спорот започна минатиот месец, кога министрите за внатрешни работи постигнаа привремен договор за предложената регулатива за воспоставување нов систем на „задолжителна солидарност“, која на земјите-членки ќе им даде три опции да управуваат со новодојдените, да прифатат одреден број баратели на азил на нивната територија, да платат по 20.000 евра за секој одбиен апликант или финансиска оперативна поддршка, како што се инфраструктура и транспорт.
Унгарија и Полска негодуваат поради фактот што договорот е постигнат со квалификувано мнозинство од најмалку 15 земји-членки што претставуваат 65% од населението на ЕУ наместо со едногласност, што дозволува користење на правото на вето.
Владите на Виктор Орбан и Матеуш Моравјецки бараат сите понатамошни чекори за миграциските реформи да бидат преземени со „консензус“ и само на „доброволна основа“, но, Фон дер Лајен го затвори барањето повикувајќи се на правилата за гласање утврдени со основачките договори.
Подготвено од М.Н.