14.07.2023 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека тој и рускиот претседател се на иста страна кога станува збор за продолжување на Договорот за извоз на житарки од украинските пристаништа на Црното Море.
Ердоган, исто така, истакна дека се надева дека договорот ќе биде продолжен по 17 јули, како резултат на напорите на Обединетите нации и Турција.
Портпаролот на Европската унија во четвртокот рече дека Европската комисија им помага на Обединетите нации и Турција во напорите за продолжување на Договорот за житарки и дека е „отворена за истражување на сите решенија“.
ОН и Турција посредуваа во иницијативата за склучување договор со Русија и Украина во јули 2022 година, со цел да се надмине глобалната криза за снабдување со храна, која настана по рускиот напад на Украина и блокадата на украинските пристаништа.
Ердоган истакна и дека се надева оти рускиот претседател ќе ја посети Турција во август.
Подготвено од А.Ѓ.