20.07.2023 Скопје
Тридневната посета на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати, заврши со важни договори во одбранбениот сектор и инвестиции во стратешки сектори за рестартирање на турската економија.
Патувањето на Ердоган во земјите од Заливот има за цел дополнително да ги зајакне односите на Анкара со земјите од Заливот по неговиот реизбор на 28 мај. Оваа дипломатска турнеја претставува белег за вториот мандат на Ердоган, кој се состои од регионална стратегија од 360 степени, каде Ријад и Абу Даби преземаат нова улога по долгогодишно дипломатско безделничење.
Министерството за одбрана на Саудиска Арабија потпиша два договори со турската компанија „Бајкар“ за набавка на беспилотни летала, со цел зајакнување на одбранбените и производствените капацитети на вооружените сили на Кралството, како што најави принцот Калид бин Салман бин Абдулазиз, саудиски министер за одбрана.
Министерот изјави и дека потпишал извршна програма за соработка во одбранбениот сектор со неговиот турски колега Јашар Ѓулер, наведувајќи дека овој потег претставува кулминација на соработката меѓу двете земји на воено и одбранбено поле.
За време на состаноците меѓу делегациите, министерот за инвестиции на Саудиска Арабија, Калид бин Абдулазиз ал Фалих, ги покани турските компании да учествуваат во програмата „Визија 2030“, политичко-економската стратегија започната од Мохамед бин Салман во 2016 година, со примарна цел еманципација на земјата од зависноста од нафтената индустрија.
Турција и Катар се договорија за дополнително зајакнување на билатералните врски во различни сектори, во согласност со директивите на владите на двете земји и во корист на интересите на двата народа, се вели во заедничката изјава објавена по средбата во Доха меѓу претседателот Ердоган и емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани.
Покрај некои министри, делегацијата што го придружуваше Ердоган беше составена од членови на Советот за надворешни економски односи и над 200 бизнисмени, инвеститори и претприемачи кои бараа можности за соработка со земјите од Заливот.
Подготвено од М.Н.