zatopluvanje

01.07.2023 Скопје

Целта за ограничување на долгорочното глобално затоплување на 1,5 степени Целзиусови станува сè понеостварлива, предупредуваат климатските експерти, бидејќи земјите не успеваат да постават поамбициозни цели и покрај повеќемесечната рекордна топлина на копно и на море.

Додека амбасадорите во Бон на почетокот на јуни го подготвуваа годишниот состанок за климата во ноември, просечната глобална температура на површинскиот воздух беше неколку дена повисока од 1,5 степени во однос на прединдустриските нивоа, објави европската програма за климатски промени Коперник.

Иако просечните температури претходно го надминуваа прагот од 1,5 степени, ова е прв пат да се случи ова во летото на северната хемисфера, кое започнува на 1 јуни. Температурите на морето ги надминаа и рекордите за април и мај.

„Ни истекува времето бидејќи за промената е потребно време“, предупреди климатологот Сара Перкинс-Киркпатрик од австралискиот универзитет во Нов Јужен Велс.

Пред состанокот на претставниците на Кина и САД, најголемите светски загадувачи на воздухот, следниот месец, температурите во Пекинг ги надминаа јунските рекорди, а САД беа погодени од екстремни топлотни бранови.

Делови од Северна Америка беа за околу 10 степени Целзиусови потопли од сезонскиот просек овој месец, а чадот од шумските пожари ги прекри Канада и источниот брег на САД.

Во Индија, еден од регионите најмногу изложени на климатски промени, зголемен е бројот на смртни случаи поради долготрајните високи температури, а екстремни горештини ги погодија и Шпанија, Иран и Виетнам, а се стравува дека минатогодишното смртоносно лето може да стане норма.

Светската метеоролошка организација во мај прогнозираше дека има 66 отсто шанси до 2027 година просечната годишна температура да биде над прагот од 1,5 степени Целзиусови договорен во Париз во 2015 година најмалку една цела година.

Високите температури преовладуваат и на копно и на море, а затоплувањето е засилено поради Ел Нино и други фактори.

Просечните глобални температури на површината на морето беа 21 степен на крајот на март и останаа рекордни за тој период од годината во текот на април и мај.

Австралиската метеоролошка служба предупреди дека температурите во Тихиот и Индискиот Океан би можеле да бидат три степени над нормалата за октомври.

Глобалното затоплување е важен фактор, објасни професорот по климатска физика Пирс Форстер од Универзитетот во Лидс, но Ел Нино, намалувањето на количината на сахарска прашина што дува низ океаните и употребата на помалку сулфурни морски горива, исто така придонесуваат.

„Генерално, океаните се погодени од четирикратен удар“, рече тој.

Потоплите мориња може да значат и помалку ветер и дожд, што ќе создаде маѓепсан круг што ќе предизвика уште поголемо затоплување, вели Аналиса Брако, климатолог од Технолошкиот институт во американската држава Џорџија.

Иако високите температури на морето оваа година беа предизвикани од „совршена комбинација“ на надворешни влијанија, последиците од околината би можеле да бидат долготрајни, рече таа.

„Океанот ќе реагира многу бавно бидејќи полека ја акумулира топлината, но и ја задржува многу долго“, истакна Брако.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author