06.07.2023 Скопје
Денеска албанскиот премиер Еди Рама ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Како што информираат од владината прес-служба, Ковачевски ќе го пречека премиерот на Албанија со највисоки државни почести на платото пред Владата. За време на престојот во Скопје се очекува Рама да има средби и со други политички чинители.
По разговорите во Скопје, Рама заминува за Приштина каде што ќе има средба само со претседателката на Косово Вјоса Османи, откако премиерот Албин Курти одби средба со него.
Во рамките на мини турнејата низ регионот Рама ќе го посети и Сараево каде што ќе има средба со претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.
Балканската турнеја албанскиот премиер ќе ја заокружи со посети на Подгорица и Белград и средби со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Подготвено од А.Ѓ.