21.07.2023 Скопје
Централната банка на Авганистан не успеа да добие поддршка од Вашингтон за враќање на девизните резерви од швајцарскиот фонд во вредност од 3,5 милијарди долари.
Ревизијата на извештајот на авганистанската банка не го промени ставот на американското Министерство за финансии дека банката мора да спроведе реформи пред Вашингтон да ги поддржи плаќањата од фондот.
Централната банка на Авганистан мора да покаже дека е ослободена од „политичко влијание и мешање“, како и дека има потреба од тоа професионални банкари да ги заменат тројцата талибански функционери кои го надгледуваат работењето на банката и се под санкции на САД и на Обединетите нации.
Авганистанската банка мора да докаже дека е способна да се справи со перење пари и финансирање тероризам.
Авганистанскиот фонд со седиште во Швајцарија беше основан минатата година од средства замрзнати од Централната банка на Авганистан, бидејќи талибанците ја презедоа контролата врз земјата по повлекувањето на американските трупи.
Обединетите нации минатата година објавија дека ситуацијата во Авганистан и официјално стана најголема хуманитарна криза.
Голем број граѓани немаат пристап до храна, а неколку милиони луѓе се на работ на гладување.
Подготвено од А.Ѓ.