26.07.2023 Скопје
Центарот за следење земјотреси во Вухан, град во централна Кина, претрпел сајбер напад од странски хакери, соопштија денеска локалните власти.
Кинеските државни медиуми наведуваат дека нападот бил „поддржан од странска влада“ и дека дошол од САД.
Општинското биро за вонредни ситуации во Вухан во соопштение наведе дека одредена мрежна опрема во Центарот за следење земјотреси во Вухан била под сајбер-напад од прекуокеанска организација, но не го прецизираше времето на нападот.
Во системот е вметната „програма за задна врата“ способна да следи и краде податоци за сеизмичката активност, објавија кинеските државни медиуми.
Кинеското Министерство за надворешни работи го осуди нападот, велејќи дека „неодговорниот“ чин ја загрозил кинеската национална безбедност.
„Кина ќе ги преземе неопходните мерки за да ја заштити својата сајбер безбедност“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг.
Подготвено од А.Ѓ.