pozhari grcija

24.07.2023 Скопје

Во Грција сè уште беснеат пожари на Родос, Крф, Агиос, Каристос и Иликис, во гаснењето на пожарот се вклучени пожарникари и волонтери, а од утрово во борбата со огнената стихија повторно се вклучени авиони и хеликоптери.

Противпожарната служба соопшти дека во неделата избувнале нови 64 шумски пожари поради екстремно високите температури.

На Родос пожарникарите цела ноќ се бореа со пламените јазици меѓу Аполо и Платанија, а шефот на противпожарната служба Василис Ватракојани на вонреден брифинг со новинарите изјави дека постои сомневање дека пожарите на Родос се подметнати пожари и дека истрагата е во тек.

Ватракојани изјавил дека во моментов голем пожар е во тек на Родос кај населбата Асклипиеио во јужен правец.

Тој рече дека во гаснењето на пожарот се вклучени силни противпожарни сили на терен, осум авиони, од кои два од Турција и еден од Хрватска, како и 10 хеликоптери, од кои два од Египет.

Полицијата соопшти дека селото Асклипиео е евакуирано.

Ватракојани рече дека пожарите на Родос ја загрозуваат областа каде што се наоѓаат 10 отсто од хотелите, во централниот и југоисточниот дел на островот, додека северниот и западниот дел не се зафатени.

Стотици туристи се на меѓународниот аеродром Родос, а некои се обидуваат да спијат на крпи за плажа додека чекаат летови од островот.

Илјадници туристи беа принудени да ги напуштат хотелите и да се евакуираат поради пожарот.

Ветровите со брзина од 49 километри на час ги попречуваат напорите да се стави огнената стихија под контрола, а најмалку три хотели се уништени од пожарот во шумската област Киотари, во источен Родос.

Портпаролката на грчката полиција Констанција Димоглиду рече дека област од 30.000 луѓе е евакуирана од Родос и дека тоа е најголемата евакуација од пожари во Грција досега.

Туристичката компанија TUI објави дека во текот на ноќта реализирала три лета од Родос до Велика Британија за да превезе туристи од островот погоден од пожарите.

Досега изгореа повеќе од 100 квадратни километри земја, додека пожарникарите се борат со огнената стихија шести ден по ред.

На Крф беснее пожар во североисточниот дел на островот и јужно од Перитија, а според податоците на противпожарната служба се уште не стигнал до ниту едно населено место.

Противпожарната служба соопшти дека утринава избувнал сериозен пожар во областа Виглатури и дека во текот на ноќта била испратена порака за евакуација на областите Санта, Мегула, Порта, Палаја Перитија, Синиа, Виглатури, Нисаки, Ру, Катаболо, Кентома, Тричи, Кококилас, Саракинијатика, Плагиахат.

Градоначалникот на Северен Крф, Јоргос Махимарис, изјави дека станува збор за подметнат пожар бидејќи пожарот избувнал истовремено на три различни места на падините на планината Пантократорас.

Според информациите од противпожарната служба, евакуирани се населбите Платис Гиалос, Ливади, Кастри, Потами, Пернараки и Платанистос.

Како што беше најавено, утринава има нов пожар на островот Евија каде дува силен ветер, а во гаснењето се вклучени 77 пожарникари, 25 возила, три единици без возила, како и три авиони и два хеликоптери.

Пожарот во Иликис не загрозува ниту една населба, а во гаснењето учествуваат 60 пожарникари, 21 возило, три единици без возила, како и два хеликоптери и два авиони.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author