pozhari vo evropa

27.07.2023 Скопје

Шумските пожари, кои ги пустошат Грција, Италија, Франција, Хрватска, Турција, Алжир и Тунис, однесоа повеќе од 40 животи.

Најголем број жртви досега има во Алжир, каде меѓу 34 загинати има и 10 војници кои беа опкружени со пламен при евакуацијата во крајбрежната провинција Бејаја, источно од Алжир.

Тројца постари лица загинаа во шумски пожари на италијанскиот остров Сицилија. Локалните медиуми објавија дека во опожарен дом на периферијата на Палермо биле пронајдени посмртните останки на изгорена двојка во седумдесеттите години.

Исто така, 80-годишна жена починала во близина на Палермо бидејќи брзата помош не можела да стигне до неа поради пожарот во тој дел.

Италијанските пожарникари соопштија дека се справиле со речиси 1.400 пожари од неделата до вторникот, вклучувајќи 650 во Сицилија и 390 во Калабрија.

Како што пренесуваат локалните медиуми, поради целокупната ситуација, Италија се движи кон воведување вонредна состојба.

Двајца грчки пилоти на пожарникари загинаа кога нивниот канадер, кој испушташе вода, падна во рид во близина на градот Каристос на островот Евија, источно од Атина.

Третата жртва на катастрофалните пожари во Грција е 41-годишен сточар, чие тело е пронајдено изгорено во колиба во тешко пристапно подрачје на островот Евија.

Пожарите во овие земји се уште се шират поради силниот ветер и високите температури, но на места се изгаснати.

Илјадници пожарникари се борат на екстремни горештини да го локализираат пожарот поттикнат од високите температури, сувите услови и силните ветрови.

На грчкиот остров Родос е прогласена вонредна состојба деветти ден од избувнувањето на пожарот, кој предизвика големи штети на тој грчки остров.

Пожарите се уште траат, ветрот малку се смири, но неговите налети се уште се силни, што го отежнува нивното гаснење.

На Крф вчера имаше повеќе пламени на фронтовите на пожарот во североисточниот дел на островот. Вчера беа активни два фронта на локации кои не се достапни за пожарникарите.

Локалните власти тврдат дека пожарот на Крф е последица на подметнување пожар.

На Евија пожарот е ставен под делумна контрола, а вчера гореше земјоделско земјиште. Според локалните медиуми, пожарот настанал поради дефект на кабелот на ППЦ.

Како што соопшти Кабинетот на министерот за туризам на Грција, на Родос е извршена најголемата превентивна операција за евакуација, при што повеќе од 19.000 туристи беа безбедно преместени од погодените области во јужниот дел на островот, имено Генади и Киотари, до северниот дел незафатени од пожарот. За време на оваа обемна операција, не беа загрозени животи, а нема повредени.

Според извештаите на локалните медиуми, на Родос вчера се одвивало гаснење на пожарот при особено тешки временски услови, а работата на противпожарната бригада била фокусирана на реонот на селата Малона, Вати и областа Генади.

На Крф избувна пожар во североисточниот дел на островот.

Во Хрватска ветерот бил толку силен што противпожарните авиони не можеле да полетаат, јавуваат локалните медиуми. Пожарникарите во вторникот вечерта се бореа со шумските пожари што се шират јужно од Дубровник, туристичка дестинација на Јадранот.

Ветерот донесе катастрофа и во Црна Гора, каде што две лица се удавија, а неколку се повредени кога силен јужен ветер го зафати брегот, соопштија пристанишните власти во Улцињ и Петровац.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author