03.07.2023 Скопје
Советот на Народната банка во Република Северна Македонија го разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2023 година.
Во Извештајот од НБРМ се оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици, при што окружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со се уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.
Една третина од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓа на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни” над потребното минимално ниво, коишто банките може да ги користат за справување со различни предизвици при надолните движењаи од економските циклуси и во кризни услови. Добивката на домашниот банкарски систем се зголеми, додека периодот на посилен раст на приходите на банките се искористи за јакнење на капацитетот за справување со евентуални идни кредитни загуби.
Иако вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п, односно дојде до ново историски најниско ниво од 2,8%, сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик.
Зголемувањето на стапката на капиталот исто така има за цел да делува превентивно и да води кон натамошно зајакнување на капиталната позиција на банките, земајќи ги предвид тековните макроекономски услови и движењата на пазарот на недвижности.
Оваа мерка е изгласана во согласност со мерките што се преземаат во поголем број земји членки во Европската Унија со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките како заштита од можните ризици од окружувањето.
Подготвено од М.Н.