06.07.2023 Скопје
Според Фредерик Мертенс, стратешки аналитичар во Хашкиот центар за безбедносни студии, влогот околу загрозениот украински град Бахмут е поголем од кога било за Москва по бунтот на групата Вагнер додека украинската контраофанзива продолжува.
„Бунтот на групата на Вагнер на 24 јуни ја промени важноста на Бахмут за Русите. Тоа исто така може да стане клучен фактор за успехот на заедничкиот притисок на Украина долж нивната источна и јужна линија на фронтот“, рече Мертенс.
Битката за градот Бахмут, во областа Доњецк во источна Украина, трае со месеци. Населбата, во која некогаш живееле околу 70.000 луѓе, била срамнета со земја.
„Нема ништо, тие уништија сè. Бахмут е само во нашите срца“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во средината на мај.
Но, важноста на Бахмут отсекогаш била повеќе симболична отколку стратешка, велат воените аналитичари.
И тоа беше градот во кој најистакната улога имаше групата Вагнер, која дејствуваше под рускиот олигарх Евгениј Пригожин. Пригожин кон крајот на мај рече дека регрутите на Вагнер се повлекуваат од Бахмут, иако аналитичарите сугерираа дека замената на чеченските и руските воени сили нема да ја пополни празнината што ја оставија платеничките борци.
На 24 јуни, Вагнерците започнаа краткотраен вооружен бунт и маршираа кон Москва. Но, бунтот заврши ненадејно и беше најавено дека Пригожин ќе замине за Белорусија според договорот, наводно, посредуван од Минск.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средината на јуни рече дека напредокот на бојното поле е побавен од посакуваното.
Генералот Марк Мајли, врховен командант на САД, тогаш рече дека контраофанзивата ќе биде многу крвава, но дека, иако е малку бавна, таа е дел од природата на војната.
Украинските сили постигнуваат стабилен, постепен напредок, но тоа не значи дека Киев не е во состојба повторно да заземе големи делови од територијата, објави ISW во своето последно ажурирање.
Подготвено од А.Ѓ.