11.07.2023 Скопје
Азербејџанските власти објавија дека „привремено“ го прекинуваат патниот сообраќај на коридорот Лачин, единствениот пат што ги поврзува Ерменија и Нагорно Карабах.
Оттаму додаваат дека оваа мерка е донесена поради обид за криумчарење возила на ерменскиот огранок на Црвениот крст.
Азербејџанските власти соопштија дека е отворена кривична истрага и дека граничниот премин ќе биде затворен додека не се завршат „неопходните истражни мерки“.
Од декември минатата година, Ерменија го обвинува својот сосед за блокирање на снабдувањето на регионот Нагорно-Карабах и за создавање хуманитарна криза со блокирање на тој коридор.
Ерменскиот огранок на Црвениот крст на крајот на јуни објави дека медицинските испораки во болниците во Нагорно-Карабах, како и транспортот на тешко болни пациенти, биле прекинати низ тој коридор.
Ерменија и Азербејџан се судрија во 2020 година за контрола на регионот Нагорно-Карабах. Конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот е постигнат со помош на Русија.
Оттогаш руски војници се стационирани во Нагорно Карабах, но Ерменија веќе неколку месеци се жали на нивната неефикасност. Изолацијата на Русија на меѓународната сцена, по почетокот на војната во Украина, го ограничува и просторот за маневрирање на Москва.
Нагорно-Карабах, претежно ерменска територија, се отцепи од Азербејџан, што доведе до војна која однесе 30.000 животи во 1990-тите.
Подготвено од А.Ѓ.