архипелаг европа 123

06.07.2023 Скопје

Оркнејските Острови наскоро би можеле да го променат својот статус во Велика Британија или дури да станат самоуправна територија на Норвешка.

Локалниот совет во вторник ќе ги разгледува „алтернативните форми“ на управување.

Водачот на локалниот совет Џејмс Стокан вели дека Оркни не добива правично финансирање и ги наведува примерите на Каналските Острови и прекуокеанските територии како Фолкландските Острови.

Стокан посочи дека можната иднина на архипелагот би можела да биде нешто како Фарските Острови, кои се самоуправна територија на Данска. Тој наведува дека британската и шкотската влада „ужасно потфрлиле“ во решавањето на проблемите на жителите на архипелагот.

„Навистина се бориме. Мораме да ја замениме целата флота на траект. Ни се ускратени работите што ги добиваат другите области. Финансирањето што го добиваме од шкотската влада е значително помалку по глава од Шетланд и Западните острови за истите работи“, рече тој.

Стокан додаде дека никогаш не била спроведена детална студија за финансиите.

„Знаеме дека во последните 40 години придонесовме преку нафтата од Северното Море, но дивидендата што ја добиваме не е доволна за да продолжиме. Имаме и единствена можност да го искористиме ветрот околу нашите води“, вели Стокан и повикува советниците да ја поддржат неговата идеја да најде нови начини Оркни да добие поголема финансиска сигурност и економски можности за жителите.

Локалниот совет во 2017 година гласаше да размисли дали островите би можеле да имаат поголема автономија, сепак, иако сакаа да имаат „посилен глас“, тие не поддржаа целосна независност на Оркни.

„Сакаме да ги разгледаме сите практични импликации и потоа ќе ги оцениме резултатите. Ја бараме најдобрата позиција за идните генерации и нашето место во светот“, рече Стокан, додавајќи дека Советот треба да истражи како Оркни може да обезбеди „Нордиска врска“ со Данска и Норвешка или дури и со Исланд.

Оркни претходно беше под контрола на Норвешка и Данска додека не стана дел од Шкотска во 1472 година. Островите беа брачен мираз на Маргарет од Данска, која стана сопруга на кралот Џејмс III од Шкотска.

„Ние сме дел од нордиското кралство многу подолго отколку што бевме дел од Обединетото Кралство. На улица во Оркни луѓето ме прашуваат кога ќе го вратиме миразот и кога ќе се вратиме во Норвешка со огромен афинитет и длабока културна врска. Дојде моментот да се истражи што е можно“, вели Стокан.

Оркнејските острови се архипелаг составен од еден поголем и околу седумдесет помали острови лоцирани на околу 10 километри од северниот брег на Шкотска, од кои тие се административен дел. Тие се населени најмалку 8.500 години. На островите моментално живеат околу 20.000 жители.

Главна населба и административен центар на островот е гратчето Кирквол.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author