15.07.2023 Скопје
Apple Maps е на пазарот од 2012 година, но сепак заостанува зад Google Maps во некои аспекти.
Сепак, Apple продолжува да се подобрува – најновата карактеристика се мапите што може да се користат без интернет конекција.
Наесен, со појавувањето на iOS 17, Apple ќе претстави мапи кои ќе можат да се преземат и користат без интернет конекција. Оваа функција е суштинска за љубителите на онлајн мапите, а Google ја нуди со години.
Офлајн мапите се една од причините зошто многу луѓе претпочитаат Google Maps, но тоа наскоро би можело да се промени.
Бета-тестерите тврдат дека преземањето мапи е лесно и слично на процесот на Google Maps. Посакуваната карта едноставно се пребарува и презема, а има и други корисни функции, како што е можноста за преземање мапи само кога е достапна Wi-Fi конекција.
Офлајн мапите се неопходни во многу ситуации, особено кога патувате во оддалечени области или сте во странство и сакате да заштедите на мобилен интернет. Google нуди офлајн мапи од 2015 година, а Apple конечно ја претстави функцијата осум години подоцна.
Корисниците кои пробале офлајн Apple Maps велат дека интерфејсот е речиси идентичен со Google Maps. Google Maps зазема малку помалку простор на вашиот телефон, но Apple Maps обезбедува повеќе информации за бизнисите и другите важни локации.
Иако искуствата се слични, Apple Maps се уште не е на нивото на Google Maps. За да ја достигне конкуренцијата, на Apple Maps му се потребни дополнителни функции, како што е „Популарно време“ на „Гугл мапи“ што дава информации за најфреквентните времиња во рестораните или баровите.
Подготвено од А.Ѓ.