21.07.2023 Скопје
Според новото истражување на Евробарометар, огромно мнозинство Европејци веруваат дека климатските промени се сериозен проблем за светот (93%). Повеќе од половина веруваат дека транзицијата кон зелена економија треба да се забрза (58 проценти) поради зголемените цени на енергијата и загриженоста за снабдувањето со гас по руската инвазија на Украина.
Од економска гледна точка, сепак, 73 отсто од Европејците се согласуваат дека цената на штетите поради климатските промени е многу повисока од инвестициите потребни за зелена транзиција, додека три четвртини (75 отсто) од Европејците се согласуваат дека климатските активности ќе доведат до иновации.
Скоро девет од десет граѓани на ЕУ (88%), исто така, се согласуваат со потребата да се минимизираат емисиите на стакленички гасови и да се неутрализираат преостанатите емисии за да се направи ЕУ климатско неутрална до 2050 година.
Седум од десет испитаници (70 проценти) исто така веруваат дека намалувањето на увозот на фосилни горива може да ја зголеми енергетската безбедност и да донесе економски придобивки за ЕУ. Според истражувањето, големо мнозинство од европските граѓани веќе преземаат индивидуални климатски мерки (93 проценти) и свесно прават одржливи избори во нивниот секојдневен живот.
Меѓутоа, на прашањето кој е одговорен за борбата против климатските промени, граѓаните ја истакнаа потребата од други реформи да ја придружуваат индивидуалната акција, посочувајќи и на одговорноста на националните влади (56 проценти), ЕУ (56 проценти) и бизнисот и индустријата (53 проценти), се вели во соопштението на Комисијата на ЕУ.
Според резултатите, заканата од климатските промени ја чувствуваат и европските граѓани во секојдневниот живот. Во просек, повеќе од една третина од Европејците се чувствуваат лично изложени на еколошки и климатски ризици и закани, загриженост што се однесува на повеќе од 50% од граѓаните на 7 земји-членки, главно во Јужна Европа, но и во Полска и Унгарија.
84 отсто од Европејците се согласуваат дека справувањето со климатските промени и прашањата за животната средина треба да бидат приоритет за подобрување на јавното здравје, додека 63 отсто од испитаниците се согласуваат дека подготовката за влијанијата на климатските промени може да има позитивни ефекти за граѓаните на ЕУ.
Подготвено од М.Н.