31.07.2023 Скопје
Во главниот град на американската сојузна држава Аризона, Феникс, 31 ден по ред температурата се движи околу 43,3 степени.
Нови температурни рекорди беа поставени и во другите делови на земјата.
Во Феникс се очекуваат невремиња кои би можеле малку да ја намалат температурата, но тоа ќе биде за кратко бидејќи се прогнозира дека веќе во среда температурата ќе се искачи до 46 степени. Рекордно високите температури започнаа во јуни во југозападниот дел на САД и се проширија низ Тексас, Ново Мексико и Аризона до пустината Мохаве во Калифорнија, каде во моментов беснеат шумски пожари.
На југот од земјата пожарникарите се борат со уште еден пожар кој предизвика евакуација на населението. Пожарот избувна и во оддалечена област на кањонот Кератерс, а пламенот во некои делови достигна висина и до шест метри. Се проценува дека изгореле околу 284 квадратни километри на границата со Невада.
Пожарот во моментов не ги загрозува зградите, но пожарникарите се уште го немаат ставено пожарот под контрола. Во округот Риверсајд, Калифорнија, евакуирана е локација поради пожар кој зафатил 8,8 квадратни километри територија. Во Барбанк, во близина на Лос Анџелес, каде што исто така температурите се многу високи, во базен од куќа е пронајдена мечка.
Десетици луѓе загинаа во топлотниот бран низ САД, а најзагрозени се сиромашните кои немаат пристап до климатизирани соби.
„Штом ќе започне топлотниот бран, првите жртви се случуваат во рок од 24 часа“, вели Кристи Еби од Универзитетот во Вашингтон.
Научниците предвидуваат дека овој јули ќе биде најтоплиот месец досега. Светската метеоролошка организација и Службата за климатски промени на ЕУ го прогласија јули за најтопол досега.
Подготвено од А.Ѓ.