24.06.2023 Скопје
Во античкиот локалитет Хераклеја, синоќа свечено беше отворено 15 издание на Битолското културно лето „Битфест”, со концерт на „Вива Верди” на Битолскиот Камерен оркестар со над 130 изведувачи.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изјави дека годинава „Битфест“ е во духот на традицијата и промоција на културните вредности, и дава можност да се поттикне уметничкиот израз и да се привлечат гостите за туристичка промоција и економско јакнење на Битола.
Многубројната публика синоќа имаше можност да ужива во прекрасната изведба на симфониски оркестар, хор и оперски солисти, кои ги изведоа најубавите извадоци од најпопуларните опери на Џузепе Верди: Травијата, Аида, Моќ на судбината, Набуко, Риголето и други.
Како солисти на концертот се претставија: Горан Начевски, Наде Талевска, Кристијан Антовски, Марија Наумовска, Нико Ѓоргиевски и сопран – Зана Абази Рамадани.
Годинашното културно лето вклучува содржини кои што имаат обединувачки концепт на сите традиционални манифестации, како и настани, кои произлегуваат од долгогодишната соработка на Општина Битола со градови од други земји, истакна градоначалникот Коњановски на свеченото отворање.
Содржините во следните два и пол месеци колку што ќе трае Битолското културно лето, ќе бидат богати и разноврсни, традиционалните фестивали „Битола Шекспир фестивал” , „Битола отворен град”, „Илинденски денови”, „Локум фест”, „Незаборав” и „Битолино” како и ликовни изложби, литературни настани , филмски проекции, музичко-сценски изведби, ќе бидат вистинско уживање на секој посетител на оваа манифестација.
Подготвено од М.Н.