02.06.2023 Скопје
Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин утрово имаа одвоени средби со сингапурските лидери пред 20-тото издание на дијалогот „Шангри-ла“, азиска безбедносна конференција закажана за викендот и организирана од Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS).
Ли беше примен од вицепремиерот Лоренс Вонг, кој ги презеде должностите на привремен шеф на владата откако премиерот Ли Хсиен Лунг излезе позитивен на тестот за Ковид-19 во последните денови. Двајцата го поздравија напредокот во воената соработка од продолжувањето на договорот ADESC во 2019 година, кој ги обврзува Сингапур и Кина на редовна размена и воени вежби.
Ова е прва посета на Ли на Сингапур откако беше назначен за министер за одбрана во март минатата година.
Остин се сретна со својот колега Нг Енг Хен, кој вчера потпиша договор со кинескиот министер за одбрана за подобрување на комуникациите на високо ниво. Нг Енг Хен изрази благодарност за американската поддршка за обуката на локалните вооружени сили.
Шефот на Пентагон, од своја страна, потсети на „постојаната поддршка“ на Сингапур за американското воено присуство во регионот. Двајцата, исто така, разговараа за купувањето и функционирањето на повеќенаменските ловци Ф35Б нарачани од Сингапур, како и за геополитичките случувања во азиско-пацифичката област.
Конференцијата се отвора денес со говорот на австралискиот премиер Ентони Албанес, Остин ќе има свое излагање утре, 3 јуни, на сесија посветена на американското раководство во Индо-Пацификот, додека говорот на Ли е закажан за недела, 4 јуни и ќе се однесува на новите кинески безбедносни иницијативи.
Првиот работен ден ќе биде поделен на три специјални сесии посветени на импликациите на технолошката конкуренција врз безбедноста, предизвиците за развојот на воените капацитети во азиско-пацифичкиот регион и нуклеарната димензија на регионалната безбедност.
Подготвено од М.Н.